Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје ги информира корисниците на бесплатниот јавен превоз од категоријата повозрасни лица дека од денеска, 15 декември 2025 година, започнува редовната годишна заверка на билетите за 2026 година.
Оваа обврска се однесува на жени на возраст над 62 години и мажи над 64 години.
Заверката се врши со задолжително лично присуство на корисникот во кој било од центрите за персонализација на ЈСП на територијата на Скопје. Притоа, потребно е да се приложи важечки документ за лична идентификација – лична карта.
ЈСП потсетува дека рокот за заверка е до 31 јануари 2026 година. Билетите кои нема да бидат навремено заверени ќе бидат автоматски блокирани и од 1 февруари 2026 година нема да можат да се користат за јавен превоз.
Од претпријатието апелираат граѓаните навреме да ја извршат оваа обврска со цел да се избегнат гужви и прекин во користењето на бесплатниот превоз.

