43-годишниот Ахмед ал Ахмед во моментов е подложен на хируршка интервенција за отстранување на неколку куршуми од раката и рамото, но според лекарите е надвор од животна опасност.
Пред да тргне во херојски обид да му го одземе оружјето на напаѓачот во Сиднеј, кој уби десетици луѓе, Ахмед бил свесен дека може да го загуби животот. Затоа, пред да реагира, му испратил последен поздрав на своето семејство.
„Ќе умрам, те молам оди кај моето семејство и кажи им дека отидов да спасам животи“, биле последните зборови што 43-годишниот Ахмед му ги упатил на својот братучед Јозај Алканџ, непосредно пред храбро да му ја грабне пушката на еден од напаѓачите во пукањето на плажата Бонди, во кое загинаа најмалку 15 лица.
Ахмед бил ранет за време на интервенцијата, откако бил погоден со куршуми во рацете и рамото, но медицинските извештаи потврдуваат дека неговиот живот не е загрозен. Според неговите роднини, тој е во стабилна состојба и добро расположен.
Драматичните видео-снимки, кои собраа над 20 милиони прегледи, го прикажуваат моментот кога Ахмед незабележано му се приближува на напаѓачот зад паркирани автомобили и успева да го разоружа и да го собори на земја. За време на хаосот, бил ранет од Навид Акрам, синот на другиот напаѓач, кој пукал од мост во близина.
Таткото на Ахмед, Мохамед Фатех ал Ахмед, во изјава за ABC Australia рече дека неговиот син отсекогаш имал „инстинкт на заштитник“.
„Мојот син е херој. Служеше во полицијата и во безбедносните сили и секогаш имал потреба да ги штити луѓето. Кога видел крв и повредени насекаде, неговата совест го натерала да реагира. Чувствувам гордост и чест – мојот син е херој на Австралија“, изјави таткото.
И мајката на Ахмед, Малакех Хасан ал Ахмед, изјави дека е горда на својот син, додека роднини нагласуваат дека, иако немал искуство со огнено оружје, покажал извонредна храброст.
Премиерот на сојузната држава Нов Јужен Велс, Крис Минс, го пофали херојскиот чин, истакнувајќи дека токму оваа интервенција спасила многу животи.
„Најневеројатната сцена што сум ја видел – човек кој сам му приоѓа на вооружен напаѓач и го разоружува, ризикувајќи го сопствениот живот за да ги спаси другите. Благодарение на неговата храброст, многумина се живи“, изјави Минс.
Во меѓувреме, на платформата GoFundMe е отворена донаторска страница во чест на Ахмед, на која досега се собрани повеќе од еден милион долари, вклучително и донација од речиси 100.000 долари од американскиот милијардер Бил Акман.
Нападот се случи за време на прославата на еврејскиот празник Ханука на плажата Бонди, кога татко и син од пакистанско потекло извршија масакр со огнено оружје, при што загинаа најмалку 12 лица, а над 60 беа повредени. Во Сиднеј, граѓаните палат свеќи и положуваат цвеќе на импровизиран споменик во Бонди Павилјонот, додека полицијата и приватните безбедносни служби ја засилија контролата.

