Во новата година, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) добива уште еден професионален пилот – пензионираниот армиски полковник Роберт Малезански. Тој во својата кариера има управувано со различни типови на летала, вклучувајќи борбени авиони „Галеб“, „Супер Галеб“, МиГ-21, „Сухој-25“ и борбени хеликоптери „Ми-17“ и „Ми-24“, како и со различни спортски авиони.
Во армијата, Малезански извршувал повеќе должности, вклучувајќи и командант на Воздухопловниот винг, како и инструктор и пробен пилот.
Според договор со директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, пензионираниот полковник ја прекинува воената пензија и професионално се вработува во ДЗС како раководител на авио-одделението, пилот и член на најтесниот кабинет на директорот.
Со пристигнувањето на полковникот Малезански, ДЗС во 2026 година располага со пет пилоти: три професионално вработени во авио-одделението и два пензионирани пилота на договор на дело.
Исто така, ДЗС ги информира сите заинтересирани кандидати за пилоти на „ер трактори“ дека Министерството за финансии обезбедило согласност за вработување на уште два пилота. Детални информации ќе можат да се добијат од полковникот Малезански, а официјалниот оглас ќе биде објавен дополнително.

