Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на протестот што се одржа во Скопје во поддршка на поранешни лидери на ОВК, изјави дека судскиот процес што се води во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда, бидејќи, како што рече, „сите оние што се зад решетки се обвинети за дела што не ги сториле“.
Ахмети нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ и дека не им ја негирала слободата на другите, туку, како што истакна, се борела за слободата на сопствениот народ.
„Ние ја посакувавме слободата, но не со одземање на слободата на другите народи. Нашата војска не беше против ниту еден народ, ниту против српскиот народ. Денешниот протест не е насочен против државата Македонија, бидејќи луѓето што денес се наоѓаат пред овој суд придонеле за стабилноста и мирот, за иднината на оваа држава. Тие биле раководители на важни институции – претседатели, премиери и претседатели на парламентот – и преку десетици договори дале свој придонес за понапредна Македонија, која не се плаши од ОВК и од луѓе со рани на телото. Тие не се бореле против ниту еден народ“, изјави Ахмети.

