15 February, 2026

Детали: Шест ученици нападнале врсници пред училиште во Сарај, едно дете со тешки повреди

Министерството за внатрешни работи информира дека ќе поднесе кривична пријава за кривично дело „насилство“ по инцидентот што вчера се случи пред Основното училиште „Дитурија“ во општина Сарај.

Според соопштението на МВР, на 12 декември 2025 година околу 12:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека пред училиштето шест ученици физички нападнале двајца ученици од деветто одделение. Инцидентот бил снимен и објавен на социјалните мрежи, по што полицијата веднаш презела мерки за целосно расчистување на случајот.

Со родителите на нападнатите малолетници бил извршен службен разговор, а денеска биле сослушани и оштетените ученици. Кај едниот малолетник, по извршен лекарски преглед, биле констатирани тешки телесни повреди, додека кај вториот биле утврдени телесни повреди.

Полицијата ги идентификувала и шестемина напаѓачи – малолетни лица на возраст од 13 до 15 години, кои денеска биле повикани во полициска станица на службен разговор. За настанот е известен и надлежен јавен обвинител.

По целосно документирање на случајот, против шесте малолетници ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик.

Од МВР порачуваат дека ќе продолжат со постапување согласно закон и дека случаите на насилство, особено во училишна средина и кога се работи за малолетници, ќе бидат санкционирани без исклучок.