Новинарот Фуркан Салиу јавно реагираше по вчерашниот инцидент во редакцијата на порталот „Инфомакс“, каде што маж влезе и предизвика нарушување на редот, а подоцна беше приведен од полицијата. Во својата објава, Салиу изнесе низа прашања и сомнежи околу мотивите и поддршката која напаѓачот можеби ја имал.
Според Салиу, човекот кој упаднал во просториите на медиумот имал само 150 денари во џебот во моментот на приведувањето, додека таксито со кое дошол до редакцијата било платено 350 денари. „Тоа се вкупно 500 денари. Прашањето е: кој му ги дал тие 500 денари и кој му викнал такси?“ напиша новинарот.
Тој додава дека камерите го снимиле целото движење на напаѓачот, вклучително и возилото со кое бил донесен, но изрази сомнеж дека истрагата ќе навлезе подлабоко, бидејќи, како што вели, „доказите може да водат до некој општински комитет“.
Салиу тврди дека намерата на напаѓачот не била случајна:
„Да не се лажеме — тој дошол таму да го одбрани Премиерот од Инфомакс,“ напиша тој, најавувајќи дека медиумите блиски до власта ќе се обидат да го минимизираат случајот и да го претстават како брзо „расчистен“ инцидент.
Новинарот ја искористи ситуацијата за да укаже на поширокиот контекст на политички притисоци и атмосфера на страв и поделби. Искршената врата од редакцијата, според него, е „слика на слободата на говор и медиумските слободи во државата“.
Во својата реакција тој постави и низа прашања за политичката клима во земјата, особено во периоди кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, алудирајќи на, како што наведува, поделено општество, страв, медиумски притисоци и недостиг на простор за критичко мислење.
„Но, нејсе… не се овие теми за дебата. Ајде да зборуваме за убави нешта. Каков е квалитетот на воздухот денеска?“ го завршува својот став новинарот.
Пред два дена, нешто пред полноќ, за време на емисијата во живо „Тешки муабети“ на Инфомакс, непознато лице се обиде насилно да влезе во студиото и физички да се пресмета со водителите Милош Милошевски и Александар Митовски. Во студиото како гостин беше и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
Инцидентот бил претходен со вербална расправија во 25-тата минута од подкастот, кога Митовски му одговори на гледач кој коментирал во живо, повикувајќи го – во шега или провокација – „да дојде“ во студиото.

