Тетовец се заканил на сопствената сопруга дека ќе ја фрли од четврти кат откако таа не сакала да му го даде продолжениот кабел за користење. Поради тоа, мажот оди во притвор.
– Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, на 9 декември, во заедничкиот дом во Тетово, започнал расправија со сопругата заради продолжен кабел кој што таа го купила и не сакала да му го даде да го користи, информираа од ЈО.
Во момент на нервоза, тој започнал да ја пцуе и да и се заканува дека ќе ја избрка од дома заедно со нивните две малолетни деца или дека ќе ја фрли од прозорецот на 4-от кат, додаваат надлежните.
По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово определи мерка притвор во траење од 8 дена за осомничениот.

