15 February, 2026

Насилник скрши врата и физички се пресметуваше со водителите пред очите на гледачите во Инфомакс

Синоќа, нешто пред полноќ, за време на емисијата во живо „Тешки муабети“ на Инфомакс, непознато лице се обиде насилно да влезе во студиото и физички да се пресмета со водителите Милош Милошевски и Александар Митовски. Во студиото како гостин беше и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски.

Инцидентот бил претходен со вербална расправија во 25-тата минута од подкастот, кога Митовски му одговори на гледач кој коментирал во живо, повикувајќи го – во шега или провокација – „да дојде“ во студиото.

Околу еден час подоцна, во 77-та минута, се слушнало силно тропање на портата на Инфомакс, по што Митовски побара да се повика полиција. Подкастот беше ставен на пауза.

По десетина минути, Митовски се врати и изјави дека лицето ја скршило вратата од дворот, влегло во просториите и се обидело да предизвика физичка пресметка. Според него, напаѓачот фрлал предмети, кршел уште неколку врати и се обидел да стигне до студиото, каде бил сопрен од Милошевски. Дел од инцидентот бил снимен со безбедносни камери.

Емисијата продолжи околу 4 часот наутро, кога Митовски потврди дека полицијата интервенирала и го привела напаѓачот.

Тој тврдеше дека лицето упаднало во студиото со намера „да го брани премиерот“ од нивните критики и дека ќе биде гонето за насилство и напад на службено лице. Дополнително најави дека снимките од инцидентот ќе бидат објавени.

Во продолжението, Митовски спомена дека ваквиот упад можеби бил провокација, бидејќи сè уште има активна условна казна од шест месеци за оддавање службена тајна, изречена во 2020 година. Пресудата се однесуваше на објавување записник од сведочење на Орце Камчев во истрагата за случајот „Рекет“. Тогаш за пресудата реагираа ЗНМ, МАН и ВМРО-ДПМНЕ, пишува Мета.