„Градежниот инспекторат може да затвори градилиште, но не и стопански објект. Ние немаме надлежност да забраниме стопанска дејност,“ изјави пред судот седмообвинетиот Огњан Георгиев, поранешен градежен инспектор.
Георгиев денес побара дополнително обраќање, објаснувајќи дека во претходното рочиште не разбрал дека има право да зборува по својот адвокат.
Тој остро се спротивстави на тезата на Обвинителството дека во објектот „Пулс“ имало незаконска пренамена на просторот.
„Повеќе не сакам зборот ‘пренамена’ да се употребува за овој објект. Пренамена нема – има промена на дејност. А за тоа градежната инспекција воопшто нема ингеренции,“ нагласи Георгиев.
Истакна дека за 12 години работа никогаш не добил наредба да врши контрола на ваков тип објект, ниту пак некогаш влегол во „Пулс“.
„Барам Обвинителството да го преиспита обвинението и да нè ослободи. И јас барам правда, исто како сите,“ рече тој, оценувајќи ги обвиненијата за умисла и за соизвршителство како „празни изрази“.
Огњан Георгиев (68) бил градежен инспектор во Општина Кочани од 2005 до 2021 година.
Обвинителството го товари за „Тешки дела против општата сигурност“, при што тврди дека:
- знаел дека во објект со намена „лесна индустрија“ се извршува угостителска дејност, спротивно на ДУП,
- бил свесен дека се прави реконструкција со пренамена без одобрение и дека тоа паѓа под негова надлежност,
- не постапил службено да наложи враќање во првобитна состојба или затворање на објектот.
Георгиев ги отфрла сите наводи и инсистира дека не сторил кривично дело.

