Жителите на скопската населба Карпош 4 алармираат дека со месеци се соочуваат со проблем со глутница улични кучиња, кои – како што сведочат – агресивно напаѓаат минувачи. Велат дека секојдневно излегуваат од домовите со доза на страв, а ситуацијата значително се влошила од летото, кога кучињата првпат се појавиле во овој дел од градот.
Една жителка сведочи дека иако е љубител на животни и има домашно куче, состојбата станала ризична.
„Со години живееме тука, а овие кучиња порано не биле дел од маалото – веруваме дека се донесени. Не ја познаваат средината, лаат, трчаат по луѓе и реагираат агресивно. Минатата недела шетав со моето куче и внука ми од четири години во паркот пред зградата. Глутницата тргна кон нас, а јас со детето и кучето во раце трчав кон влезот за да избегнеме напад“, раскажува таа.
Жителите тврдат дека поднеле повеќе пријави до ЈП „Лајка“ и до Општина Карпош, но досега, според нив, не се преземени значајни мерки.
„Бараме итна интервенција во склад со закон и хуман третман при отстранување на кучињата. Безбедноста ни е загрозена“, порачуваат тие за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, потврдува дека екипите се запознаени со случајот и дека досега успеале да заловат осум кучиња, но глутницата повторно се зголемила.
„Станува збор за диви кучиња кои не се навикнати на урбана средина и поради тоа заловувањето е значително отежнато. Вклучивме и приватни ветеринарни служби. Имаше и технички пречки, но повторно ќе излеземе на терен и ќе преземеме мерки за намалување на бројноста, бидејќи безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет“, изјави Пешева.

