15 February, 2026

Лутков: Македонија има потенцијал да стане единствена туристичка дестинација

Нашето културно наследство не е само трага од минатото, туку живо сеќавање што продолжува да пулсира во сегашноста. Археолошките локалитети, духовната традиција, занаетчиското знаење и современата уметничка енергија ја создаваат уникатната вредност на Македонија, која не може да се копира или увезува, вели министерот за култура и туризам Зоран Лутков во интервју за МИА.

„Тука лежи потенцијалот Македонија да стане дестинација што се доживува со сите сетила, не само со очи. Историјата не треба да се раскажува, туку да се почувствува; наследството не се чува под стакло, туку се преведува на современ јазик преку дигитални алатки, нови наративи и современи уметнички практики“, вели Лутков.

Според него, одржливиот туризам не е само економски параметар, туку создавање автентично искуство. Турист кој останува два или три дена не е само потрошувач, туку учесник во локалниот културен екосистем.

„Подготвуваме пакети од 48 и 72 часа кои нудат целосно искуство: археологија, музеи, гастрономија, уметнички настани и директен контакт со локалната култура“, додава Лутков.

Тој истакнува дека гастрономијата е продолжение на културната мапа. Македонскиот бренд треба да биде видлив на сите туристички рути и топоними – од Стоби до винариите во Неготино, Кавадарци, Велес, Градско и Демир Капи, а промотивните знаци да ја истакнуваат Македонија уште пред границата со Србија.

„Македонија има живи занаети, песни и обичаи. Таа не е музеј, туку реалност. Нашата цел е да ги поврземе традициите со туризмот преку работилници, интерактивни програми, културни ритуали и гастрономски искуства што ја раскажуваат приказната. Современата култура е мостот – театарот, балетот, музиката и уметноста ја покажуваат Македонија како земја што го носи минатото како сила за иднината“, вели Лутков.