Косово стана првата земја што понуди да прифати одбиени баратели на азил од Велика Британија, како дел од планот на премиерот Кир Стармер за отворање „центри за враќање на мигранти“. Премиерот Албин Курти изјави дека Косово е подготвено да помогне, во замена за поголема британска поддршка во зајакнување на националната безбедност поради заканите од Србија и Русија.
Курти потврди дека се водат разговори меѓу британски и косовски претставници. Косово, според него, ја смета оваа понуда како „пријателска и политичка должност“, имајќи ја предвид улогата на Британија во мировните сили во 1990-тите.
Од регионот, Црна Гора изјави дека би разгледала договор само ако Британија сериозно инвестира во инфраструктура, додека Босна и Херцеговина категорично одби. Албанија исто така останува против идејата – премиерот Еди Рама јасно порача „никогаш во Албанија“.
„Тајмс“ претходно објави дека Лондон контактирал со Косово, Северна Македонија и други држави за отворање центри за мигранти, но македонската Влада не одговорила на барањето за интервју.

