НАТО внимателно ги следи обидите на Русија да влијае врз политичките процеси во Босна и Херцеговина и во поширокиот регион на Западен Балкан, изјави за агенцијата ФЕНА заменик-генералниот секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска. Таа посочи дека станува збор за типичен „руски модел на дејствување“ и дел од нивните хибридни методи.
„Внимателно го следиме злонамерното руско влијание насочено кон мешање во внатрешните и регионалните процеси. Видовме хибридни активности што создаваат поделби, користат сецесионистичка реторика и поттикнуваат нови расколи во општествата. Тоа е тренд кој будно го следиме,“ рече Шекеринска.
Таа нагласи дека овој модел не е ограничен само на Западен Балкан, туку е присутен и во други држави-сојузнички, како и во партнерските земји.
Шекеринска посочи дека Западен Балкан останува стратешки приоритет за НАТО и дека Алијансата има силно присуство во регионот, преку членки, но и преку партнери како Босна и Херцеговина.
Говорејќи за одбранбените капацитети на БиХ, таа истакна дека Алијансата обезбедува поддршка во повеќе сектори, но предупреди дека модернизацијата на Оружените сили на БиХ ќе биде одржлива само со посилно и континуирано финансирање.
„Не може да очекувате добро обучена и опремена армија ако не инвестирате во неа,“ нагласи Шекеринска, повикувајќи се на сопственото искуство како поранешна министерка за одбрана.
Таа потсети на DCB-програмата преку која НАТО обезбеди опрема и специјализирани возила за ОСБиХ со поддршка од Словенија, но додаде дека тоа мора да биде проследено со долгорочни финансиски вложувања.
Во однос на политичките процеси, Шекеринска порача дека компромисите се тешки, но неопходни.
„Компромисите носат стабилност, предвидливост и иднина без истите кризи одново и одново,“ рече таа и додаде дека граѓаните очекуваат напредок, а не повторување на истите политички конфликти веќе три децении.

