Од Националниот парк „Шар Планина“ денеска пристигна прекрасна вест придружена со видео-снимка – на Шара е регистрирана нова принова, мало рисче.
„На една од нашите трап-камери забележавме мајка рис со младенче, обете во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара расте од една на три единки! По минатогодишниот успех, кога првпат снимивме мажјак во Лешница, денес со огромна радост објавуваме дека е потврдена и женка со младенче на територија на Општина Боговиње. Овој историски момент е резултат на долгогодишна, истрајна и професионално спроведена работа на нашиот тим,“ соопштуваат од Националниот парк.
Најубавиот дел, додаваат, е што честта да го даде името на мајката-рис му припаднала на колегата кој ја регистрирал снимката. Таа е именувана „Сибел“.
Во објавата на социјалните мрежи, од НП „Шар Планина“ споделија и неколку интересни факти за балканскиот рис:
- Балканскиот рис е територијално животно и секоја единка зазема многу голема површина – понекогаш над 40 km². Поради тоа, на Шара може да се очекува мал број стабилни единки, но секој потврден примерок е огромен чекор напред.
- Главниот плен на рисот се срни, диви кози, зајаци, еребици и други видови кои се дел од шумскиот екосистем.
- Популациите на неговиот плен во планината полека, но стабилно растат, создавајќи подобри услови за опстанок на видот.
- На територијата на паркот ловот е строго забранет, што значително придонесува во заштитата на рисот и неговата храна.
Од НП „Шар Планина“ нагласуваат дека ваквите снимки се доказ колку е значаен континуираниот мониторинг и вложувањето во биодиверзитетот. Балканскиот рис е критично загрозен вид, а секој ваков момент носи надеж и потврда дека упорната работа дава резултати.
„А денес, во ЈУ Национален парк Шар Планина, славиме – со мекици! Бидејќи ваквите моменти заслужуваат прослава, благодарност и голема радост,“ порачуваат од таму.

