16 April, 2026

Трајковски: Ако ги примаме, да платат, 110.000 фунти по бегалец

Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, тврди дека наместо оградени кампови, би се граделе станови за одбиените азиланти.

„Нема да се градат кампови, но ќе се градат станови за одбиените азиланти, а тие ќе може слободно да се движат. Неколку илјади луѓе, кои Велика Британија веќе ги смета за товар, би биле префрлени тука – наводно во замена за одредени финансиски услови поврзани со кредитот за брзата пруга. Ниту имаме реална потреба од таа пруга, која според пресметките би произвела загуби од над 3,3 милијарди евра, ниту од дополнителни социјални предизвици“, изјавува Трајковски.

Според него, доколку Македонија прифаќа азиланти, државата би требало да добие финансиски надомест според модел сличен на оној што Велика Британија го предвидуваше со Руанда.

„Ако веќе ги примаме, тогаш треба да добиеме по 110.000 фунти за секој бегалец – исто како договорот со Руанда пред да пропадне. Со таков надомест би можеле да се изградат станови, да се отворат работни места и да се поттикне економијата. Вака, би инвестирале сопствени пари, додека средствата од 339 милиони евра повторно би се вратиле во Велика Британија. Дополнително, изградбата на пругата би нанела штета и врз просторот на Вардарската долина. Се што прави оваа власт носи штета и загуба за државата“, додава професорот.