Еден од терористите кои го извршија вооружениот напад за време на прославата на Ханука на плажата Бонди најверојатно е Навид Акрам, 24-годишен маж со пакистанско потекло од Бонириг, предградие на Сиднеј. По нападот, неговиот дом бил претресен од полицијата.
На местото на настанот била пронајдена негова возачка дозвола, според која е роден на 12 август 2001 година.
Според податоците од неговиот профил на Фејсбук, Акрам студирал на Централниот универзитет Квинсленд во Сиднеј, како и на Универзитетот Хамдард во Исламабад. Исто така, посетувал и настава на Институтот „Ал Мурад“, каде што бил опишан како примерен студент. Медиумите наведуваат дека ништо на неговите профили на социјалните мрежи не укажувало на негови религиозни или политички убедувања.
Полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс сè уште официјално не ги потврдила овие информации.
Во меѓувреме, експерти за оружје го анализираа арсеналот што бил користен во смртоносниот напад на плажата Бонди. Според нивните проценки, помладиот напаѓач, идентификуван како Навид Акрам, користел спортска пушка од марката „Ругер“, опремена со нишан со црвена точка. Се смета дека постариот напаѓач бил вооружен со полуавтоматска пушка со ист тип нишан.
Дополнително, во нападот било употребено и трето огнено оружје, кое сè уште не е официјално идентификувано, пренесува „Скај њуз“.
Експертите наведуваат дека спортската пушка што ја користел еден од напаѓачите е посоодветна за пукање на поголеми растојанија, но забележале дека нишанот не бил прецизно прилагоден. Врз основа на достапните видео-снимки, се проценува дека напаѓачите биле обучени, но не и високо професионално обучени.

