Нелегалните мигранти од Велика Британија во иднина би можеле да се пренасочуваат кон Северна Македонија, откако двете земји започнале формални преговори за отворање т.н. „центар за враќање“ на мигранти, објавува „Тајмс“.
Според наводите, Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој прифатен мигрант, а планот на премиерот Кир Стармер има за цел да го намали бројот на лица кои пристигнуваат во Обединетото Кралство со мали чамци преку Ламанш. Дополнително, се разгледуваат инвестиции и безбедносна поддршка за земјата, со цел јакнење на регионалната стабилност и одговор на руското влијание.
Наводно, разговорите започнале уште наесен, а Северна Македонија е меѓу малкуте земји што моментално водат активни преговори со Лондон. Предвидено е мигрантите депортирани од Велика Британија да можат да поднесат барање за азил во Македонија, без ограничување на движењето и без задолжителен притвор – со право слободно да ја напуштат државата по сопствен избор.
Планот предвидува и можност мигрантите да добиваат работни визи, особено во сектори со недостиг од работна сила, како градежништвото. Се наведува дека Велика Британија разговара и со Косово, додека Босна и Херцеговина ја одбила оваа опција како „некомпатибилна со националните интереси“.
Отворањето центар би ѝ овозможило на Британија да ги пренасочи мигрантите кои не може да ги врати во нивните матични земји поради безбедносни ризици – особено од Авганистан и Еритреја, од каде потекнува и најголемиот број лица што пристигнуваат преку Ламанш.
Од британското Министерство за внатрешни работи порачаа дека се работи на повеќестран пристап:
„Во разговори сме со повеќе држави, но центрите за враќање не се единствено решение. Ова мора да биде дел од поширок пакет мерки – магично решение не постои. Конзервативците го пробаа тоа со Руанда и не донесе резултати. Ние работиме паралелно на повеќе фронтови.“
Оваа година, Северна Македонија се приклучи и на заедничката работна група за миграција со Велика Британија и земјите од регионот, со цел подобра координација и размена на разузнавачки информации во борбата против криумчарењето на луѓе.

