Апелациониот суд Скопје, во интерес на јавноста и медиумите, соопшти дека постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-696/25, по одржана јавна седница на 6 октомври 2025 година и по спроведено советување и гласање на нејавен дел од седницата на 27 октомври 2025 година, донел пресуда со која ја уважил жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, а жалбата на обвинетиот В.Ј. од Скопје ја одбил како неоснована.
Со одлуката, Апелациониот суд ја преиначил пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во делот на кривичната санкција, така што обвинетиот В.Ј., кој со првостепената пресуда беше огласен за виновен за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, е осуден на казна затвор во траење од 13 години.
„Во останатиот дел, првостепената пресуда се потврдува“, се наведува во соопштението од Апелациониот суд.
Првостепено, Основниот кривичен суд Скопје во мај годинава го прогласи Васил Јованов за виновен за сообраќајната несреќа што се случи на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.
Тогаш судот му изрече казна затвор од 12 години, забрана за управување моторно возило во траење од пет години и парична казна, земајќи ги предвид признанието на вина и каењето како олеснителни околности, а како отежнителни – управување без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, поминување на црвено светло и претходна осуда за недозволена трговија со дрога.
Според обвинението, Јованов на 29 јануари управувал возило со брзина од 91 километар на час, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, поминувајќи на црвено светло на пешачки премин, при што ја удрил Фросина Кулакова, која минувала на зелено светло. Од здобиените повреди, таа починала на лице место. За ова кривично дело е предвидена казна затвор до 20 години.
Во меѓувреме, пред Основниот кривичен суд Скопје се води и судска постапка против таткото на Васил Јованов, Зоран Јованов, за кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“. Според обвинението, во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година, тој му дозволувал на својот син да управува возило без возачка дозвола, иако знаел дека е повеќекратен сторител на сообраќајни прекршоци, што, како што наведува обвинителството, придонело за трагичната сообраќајна несреќа во која загина Фросина Кулакова.

