Стара и дотраена куќа попладнево се урна во Битола, при што целосно беа уништени неколку паркирани автомобили, јави телевизијата „Тера“. За среќа, во моментот на рушењето во возилата немало лица, ниту пак на улицата имало минувачи.
Полицијата изврши увид на местото на настанот, а жителите од околината се вознемирени. Станува збор за паркинг-просторот зад зградата на ЈАТ.
„Падна дел од ѕидот врз моето возило. Полицијата направи записник, но автомобилот е толку оштетен што веќе не може да се поправи. Ќе преземеме правни мерки“, изјави за „Тера“ битолчанецот Андреј Терзиевски, чие возило е оштетено во инцидентот.
„Ова е голем шок за нас. Го паркирате возилото прописно, а кога ќе се вратите го наоѓате целосно уништено. Не е во ред. Треба да се најде начин за обештетување“, вели Елеонора Терзиевска, исто така оштетена во настанот.

