13 April, 2026

Проблематичните крави од Крива Паланка одат на продажба кои Ѓорѓиевска ги бркаше кон ридовите

Веќе од понеделник може да започне продажбата на кравите што беа заловени во Крива Паланка, а кои со години слободно се движеа низ градските улици. По долг период поплаки од жителите, Агенцијата за храна и ветеринарство започна со нивно заловување, а доколку сите грла се покажат здрави, ќе бидат ставени на јавен оглас за продажба.

Владата ја овласти Агенцијата да ја спроведе продажбата на заловената стока, при што на огласот ќе можат да аплицираат и кланици. Тимови на АХВ во неколку наврати беа на терен и досега успеаја да заловат околу 80 крави од стадото кое, според проценките, брои повеќе од 500 грла.

Една од последните акции за заловување наликувала на сцена од филм. Додека тимовите на АХВ работеле на терен, а полицијата обезбедувала, се појавила Јулијана Ѓоргиевска, девојката која ги пасела кравите. Според присутните, таа се обидела да ги оттурне животните кон потешко достапен предел за да не бидат одземени.

Од друга страна, Ѓорѓиевска тврди дека само се обидувала да ги смири животните, бидејќи биле исплашени од присуството на инспекторите.