На денешната седница на Анкетната комисија за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, мајка на едно од загинатите деца даде потресно сведоштво, упатувајќи жестока критика кон институциите и политичарите.
„Се срамам што живеам во држава која не се грижи за своите граѓани, дури ни за најмладите“, изјави таа, нагласувајќи дека борбата за правда не е само за нивните деца, туку за сите млади во земјата.
Таа истакна дека трагедијата не се случила „пред 20 години“, туку на 15 кон 16 март годинава, а до денес ниту една институција, како што рече, не ги прифатила нивните барања.
Обраќајќи се кон премиерот, таа нагласи: „Премиере цинично ми се исмевате но до денеска од вас не добив одговор на тие прашања! Јас кога ќе го видам документот кој ја потпишал акциската контрола, министерот Тошковски сакам да ми одговори на тоа прашање кој ја потшишал и наредил полициската контрола во Кочани таа ноќ? Во 12 часот сите биле од СВР Штип и ОВР Кочани пред дискотеката, во 12 часот. Во 12 да се почнело со рацијата нашите деца ќе беа живи немаше да бидат мртви.“

