14 February, 2026

Нема да има огномет – донесена одлука кои пејачи ќе настапат на плоштад на Нова Година

Новогодишната прослава на Плоштадот Македонија во Скопје годинава ќе помине без традиционален огномет, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција на која беше презентирана новогодишната програма.

Како што истакна Ѓорѓиевски, одлуката е донесена со цел дочекот на Новата година да се реализира во поинаков концепт, со акцент на музичка програма и забава за различни возрасни групи. Тој нагласи дека за новогодишната ноќ инсистирал да настапуваат исклучиво домашни изведувачи.

„Покрај програмата за дочекот, во наредните денови ќе има и содржини наменети за деца и за млади. Нашиот фокус е да создадеме забава пред сè за младите и на тоа ќе работиме и во иднина“, изјави градоначалникот.

Ѓорѓиевски појасни дека хонорарите за настапите на пејачите ги покрива Државна лотарија, додека од буџетот на Град Скопје средства се издвоени само за празничното украсување. Според неговите најави, трошоците за украсувањето ќе изнесуваат помалку од 70.000 евра.

На дочекот на Новата година на Плоштадот Македонија ќе настапат Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Кристина Димитриевска, „Кулу леле“, Лара, Пајак и групата „Два бона“.