Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против лицето кое на 10 декември насилно упадна и се закануваше во студиото на порталот „Инфомакс“ за време на емисија во живо.
Покрај кривичното дело насилство, обвинетиот ќе одговара и за спречување службено лице во вршење службено дејствие.
Како што соопшти Обвинителството, инцидентот се случил за време на емитувањето на емисијата „Тешки муабети“ на YouTube и на социјалните мрежи. Претходно, обвинетиот упатувал навредливи и заканувачки коментари кон еден од новинарите поради критики насочени кон премиерот, а потоа дошол на адресата на студиото, ја обил влезната порта и ги искршил вратите од објектот и од самото студио, по што емисијата била прекината.
Со насилничките дејствија, обвинетиот предизвикал чувство на страв и несигурност кај оштетените и присутните лица. Според медицинското вештачење, и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, делото го извршил во состојба на пресметливост.
Јавниот обвинител доставил предлог за продолжување на мерката притвор, со цел обезбедување на обвинетиот во текот на постапката.
Од Основното јавно обвинителство Скопје нагласуваат дека приоритетно постапуваат по сите случаи поврзани со напади врз новинари и загрозување на слободата на говор.

