16 April, 2026

Жртва од Кочани заплака на сведочењето: Од петмина другари, само јас преживеав, се борев за здив

Со плачење и силни емоции, Мартин Китанов од Оризари сведочеше како успеал да се спаси од трагедијата во дискотеката, но и како ги изгубил четворицата другари со кои заедно излегле да го прослават раѓањето на синот на еден од нив.

„Од петмина што излеговме таа вечер, само јас останав жив. Тројца ми беа другари од детство, а еден многу близок пријател. И ден-денес не знам како точно загинаа“, раскажува Китанов.

Тие најпрво биле во кафеана, а потоа продолжиле во дискотеката. По активирањето на прскалките поминале минута-две, додека пејачот Панчо ги повикал сите да излезат. Во тој момент просторот веќе почнал да се полни со чад, а прскалките сè уште работеле.

„Сите тргнавме кон излезот. Стигнавме до таканаречената каубојска врата, но не се гледаше ништо. Се чувствуваше огромна жештина. Се сопнав и паднав, а врз мене почнаа да паѓаат луѓе. Петмина лежевме еден врз друг и потоа никој повеќе не помина – сите паѓаа врз нас.“

Прв што се обидел да му помогне бил обезбедувачот Лазар Захариев, но поради силниот притисок не успеал да го извлече.

„Градите ми беа притиснати, не можев да дишам. Знаев дека сум во голема опасност, но си повторував дека ако ги тргнат луѓето одозгора – ќе преживеам.“

Во хаосот забележал и двајца пожарникари, што му дало надеж, но и тие не успеале да го извлечат. Нозете му биле смачкани, болките биле неподносливи.

„Кога ми текна на моите две деца, си реков дека морам да издржам.“

Во еден момент, непознато момче му притекнало на помош.

„Го гледав како божји ангел. Го штипнав за да види дека се задушувам. Со огромен напор ме извлече надвор. Излегов без патики, со спуштени фармерки, цел крвав.“

Иако во силни болки и без чувство во нозете, сакал да се врати назад за да ги побара другарите, но луѓето го спречиле.

„Гледав сцени што никогаш нема да ги заборавам – луѓе паѓаа, се онесвестуваа, деца изгорени…“

Со последни сили стигнал до блиска бензинска пумпа, каде што работел негов пријател. Повеќе од 20 пати се обидел да ги добие другарите на телефон – без одговор.

Подоцна бил однесен дома, а потоа и на лекување во болницата „Систина“, каде што добил и психолошка помош.