15 February, 2026

Tелото на младиот неготинчанец било пронајдено на 17 ноември – безживотно и тешко препознатливо, но без траги на насилство

Како што дознава „Фокус“, телото на Миле Тодоров било пронајдено во неготинското подрачје, на место кое ретко било посетувано од луѓe.

Безживотното тело на 28-годишниот Миле Тодоров од Неготино, кој беше пријавен за исчезнат во јануари годинава, било пронајдено на 17 минатиот месец. Поради состојбата во која се наоѓало телото, за идентификацијата и обдукцијата било потребно подолго време.

Според првичните, неофицијални информации, нема индиции дека смртта била насилна, но истрагата и понатаму продолжува.

За него со месеци трагаа и семејството и полицијата. Денеска, неговата сестра преку социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека Миле е пронајден починат.

Во својата објава напиша:

„Летај со ангелите, мило наше. Нашите срца ќе останат празни без твојот глас, љубов, добрина, насмевка… Болката е голема, но спомените за тебе ќе живеат вечно во нашите срца. Почивај во мир и спокој.“

Погребот на Миле Тодоров ќе се одржи утре на градските гробишта во Неготино.