Поранешниот директор и висок функционер во структурите на ДУИ, Бујар Даришта, е лишен од слобода во големата полициска акција што беше спроведена ноќеска, дознаваат извори блиски до истрагата. Според првичните информации, Даришта се сомничи за инволвираност во организирана шема за перење пари и економски криминал.
Во рамки на масовната операција, реализирана во текот на ноќта и рано изутринава (17 кон 18 декември 2025 година), полицијата привела повеќе од десет лица. Акцијата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) при Бирото за јавна безбедност, под координација и директно раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
По судски наредби, истражните тимови извршиле претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово, со цел разбивање на организирана криминална мрежа поврзана со корупција и финансиски злоупотреби.
При претресите, неофицијално, биле пронајдени и одземени:
- поголема сума парични средства во различни валути,
- мобилни телефони, лаптопи и други електронски уреди,
- обемна финансиска документација која ќе биде предмет на понатамошна анализа и вештачење.
Во тек се претреси и во два правни субјекти на територијата на Скопје и Куманово, кои се доведуваат во врска со осомничените лица.
Од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството се очекува во текот на денот да излезат со официјални информации и потврда на идентитетите на приведените.

