15 February, 2026

Стево Ќирков веќе директорува со Скопје ЗОО, а бил осуден за криминал со животни

На вработените во скопската Зоолошка градина, од минатата недела како нов директор им се претставува Стево Ќирков, поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје. Според вработените, Ќирков веќе закажува состаноци во директорската канцеларија и разговара за планови за подобрување на условите во Зоолошката градина.

Самиот Ќирков изјавил дека сè уште не е официјално назначен и дека тоа треба да се случи во наредните денови.

Во меѓувреме, новинарката и активистка за заштита на животните, Мери Јордановска, на социјалните мрежи објави пресуда од 2018 година, според која лице со иницијали С. Ќ. било осудено за измама поврзана со продажба на куче. Во пресудата се наведува дека станува збор за условна казна затвор од шест месеци, која би се активирала доколку во рок од една година биде сторено ново кривично дело.

Според документот, осудениот продавал куче за кое лажно тврдел дека има педигре, а оштетениот подоцна го добил судскиот спор.

Ќирков ги негира наводите, тврдејќи дека случајот бил оспорен.