Пензиите од месец јануари се намалени за 10 денари. Од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) појаснуваат дека намалувањето се должи на зголемување на задршката за посмртнина, која е покачена од 140 на 150 денари.
Со ова зголемување, износот на посмртната помош што ја добиваат семејствата на починатите корисници на пензија е зголемен за 5.000 денари – од досегашните 35.000 на 40.000 денари.
На корисниците на пензија, со нивна согласност, им се задржува дел од пензијата за исплата на посмртна помош за членовите на нивното семејство, како и за членарина во здружение на пензионери. Висината на задршката за посмртна помош и членарината ја утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија.
„Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд, на седницата одржана на 18 декември 2025 година, донесе одлука со која висината на задршката за солидарен фонд изнесува 150 денари за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година. Одлуката е објавена во Службен весник бр. 259/25. Претходно, задршката за солидарен фонд изнесуваше 140 денари“, информираат од ПИОМ.

