14 February, 2026

Преживеаниот напаѓач на плажата Бонди обвинет за 59 кривични дела и 15 убиства

Навид Акрам, преживеаниот осомничен за масовното пукање во неделата на плажата Бонди во Сиднеј, е обвинет за вкупно 59 кривични дела, меѓу кои 15 убиства и едно обвинение за извршување терористички чин, соопшти локалниот суд во сојузната држава Нов Јужен Велс, пренесува Би-би-си.

Обвиненијата против Акрам вклучуваат и десетици дела за ранување со намера за убиство, употреба на огнено оружје со намера за нанесување тешки телесни повреди, јавно прикажување симболи на забранета терористичка организација, како и поставување експлозиви во или во близина на објекти со цел предизвикување штета.

Во нападот учествувал и неговиот татко, 50-годишниот Саџид Акрам, кој беше убиен во престрелка со полицијата на местото на настанот.

Во нападот на плажата Бонди, кој се случи за време на прослава по повод првата ноќ на Ханука, загинаа 15 лица, а околу 40 беа повредени. Ова е најсмртоносното масовно пукање во Австралија од 1996 година.

Според австралиските медиуми, Саџид и Навид Акрам престојувале на Филипините околу еден месец пред нападот, наводно заради „воена обука“, поради што и филипинската полиција започнала истрага.