15 February, 2026

Повратот на ДДВ доцни за речиси 200.000 граѓани – УЈП смирува, но нема точен термин кога ќе има исплата

Речиси 200.000 граѓани кои скенирале фискални сметки сè уште го немаат добиено повратот на ДДВ за третото тримесечје, иако законскиот рок за исплата истече вчера.

Од Управата за јавни приходи не одговараат конкретно кога средствата ќе бидат префрлени, но уверуваат дека повратот ќе биде извршен и дека проблемот е веќе во обработка.

„Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка. Доколку во еден налог е забележана промена на банка или трансакциска сметка кај корисник, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон ниту еден корисник вклучен во истиот налог. Проблемот е идентификуван и се работи на негово надминување. Целта е точна и правична исплата за сите граѓани“ – соопштија од УЈП.

Од институцијата додаваат дека граѓаните треба да останат спокојни, бидејќи повратот ќе им биде исплатен во целост.

Според последните јавно достапни податоци за второто тримесечје, ДДВ поврат преку скенирање сметки користат околу 503.000 граѓани. Вообичаено средствата се исплаќаат до 10–15-ти во месецот по истекот на законскиот период од 60 дена.

Во овој случај, повратот за јули, август и септември требаше да биде исплатен до 15 ноември, но до денес голем број корисници се сè уште без добивка.