14 February, 2026

Од 16 години одам во диското, никој никогаш не ми побарал лична карта: Сведок на пожарот во „Пулс“

Сведок што кобната вечер бил гостин во дискотеката „Пулс” во Кочани првпат во судницата во „Идризово“ објасни од лично искуство што се случувало во дискотеката во моментот кога избувнал пожарот – настанало стампедо и се чувствувал мирис на чад, а на скалите пред излезот од притисокот еден пред него паднал по што сите се струполиле и следно што се сеќава е како лежи со приклештени нозе и бара помош.

Сведокот Иван Данаилов, кој вечерта на 16 март 2025 година бил на роденден во дискотеката „Пулс”, рече дека често ја посетувал посочувајќи дека има 25 години, а првпат влегол на 16 години како малолетник.

На прашање од Обвинителството дали во дискотеката имало и други малолетници, сведокот рече дека често не бил единствен малолетник појаснувајќи дека во текот на годините, како и на кобната вечер, гледал малолетници во дискотеката.

Критичната вечер сведокот рече дека купил билет на вратата од обезбедувањето, а на прашање од обвинителот како знаел дека се обезбедување, рече дека ги знаеле зашто секогаш биле присутни и ангажирани во дискотеката.

– Не сум забележал некаква значка, туку само на некои од нивните јакни пишувало „секјурити“ – рече сведокот.

Сведокот, опишувајќи ја внатрешноста на дискотеката, рече дека знаел оти има и втора врата, но дека никогаш не видел како се користи, ниту дека забележал ознаки за излез.

Вечерта, како што рече, сè си течело нормално, иако дискотеката била полна и движењето меѓу масите било отежнато. Рече дека бил свртен со грб кон бината и не го видел моментот на пожарот, но и дека претходно гледал настапи и шоу со оган во дискотеката.

– Пожарот настана во 02:33 часот. Најпрво не го забележавме, зошто беше директно над нашите глави. Потоа од бендот кажаа дека настанал пожар и побараа помош од сопственикот да донесе ПП апарат и го стопираа настапот. На излегување се разминав со Михајло, кој носеше ПП апарат, а мислам дека некој веќе од бината го гаснеше со ПП апарат. Пред излезот веќе настана стампедо и се чувствуваше мирис на чад. До скалите успеав да останам на нозе, се додека еден пред мене се сопна и сите се струполивме, рече сведокот.

Следно што се сеќава, сведокот рече дека е лежи доле, но не може да стане бидејќи нозете му беа приклештени од други луѓе.

– Во тој момент го видов Столе од обезбедувањето, му побарав помош, ми подаде река и успеа да ме извлече. Јавно му се заблагодарувам за тоа, рече сведокот.

Кога излегол надвор, почнал да ги бара другарите, го земал автомобилот, купил неколку пакети вода и ги делел на повредените што излегувале. Тоа го направил неколку пати, по што полицијата го затворила пристапот до местото.

На вкрстено прашање од адвокатката на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, дека не видел да се користи втората врата, сведокот појасни дека кога влегувала полициска контрола се случувало полицајци да застанат до неа и ја обезбедуваат за некој да не излезе.

– Не сум видел некој да ја користи, но не сум сигурен дали била во функција, изјави Данаилов.

На вкрстено прашање на одбраната на директорот на „Рубикон”, Јане Јанчевски, дека и како малолетник успевал да влезе во дискотеката, сведокот појасни дека никогаш не влегувал скришно, туку поминувал покрај обезбедувањето, но не му била побарана лична карта.

– Како малолетник никогаш не сум бил идентификуван во дискотеката при полициска контрола, ниту сум забележал дека контролираат малолетни, рече сведокот.

Прашан од бранителот на обезбедувањето Стојанче Димитриев, кои го посочи дека му помогнал да стане, дали помагал и на други повредени, Данаилов кажа дека не видел дали помага и на други, бидејќи си заминал, а тој останал таму.