15 February, 2026

Од 1 јануари пензионери и студенти ќе можат легално да работат сезонски без да ги изгубат пензиите и стипендиите

Од 1 јануари 2026 година ќе започне примената на новиот Закон за работно ангажирање на лица, кој ја регулира областа на сезонското вработување и има за цел да го намали уделот на сивата економија. Ова го најави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Тој истакнува дека ваков закон се воведува првпат во државата и дека ќе им овозможи дополнителна заработка на студенти, пензионери, невработени и самовработени лица, без притоа да ги загубат постојните права и бенефиции.

Законот се однесува на три сектори:

  • угостителство,
  • земјоделство,
  • услужни дејности.

„Законот за работно ангажирање лица, односно за сезонски вработувања, започнува да важи од 1 јануари 2026 година. Овој закон е револуционерен бидејќи за првпат се носи во нашата земја. Со него се овозможува работно ангажирање на невработени, вработени лица, студенти и пензионери, без губење на нивните статуси или социјални права. Пензионерите остануваат со пензиски статус, студентите го задржуваат студентскиот, а невработените не ги губат социјалните бенефиции. Овие категории ќе може да бидат ангажирани во земјоделството, угостителството и услужниот сектор“, изјави Ристески.

Според него, од законот се очекува значајно намалување на работата „на црно“.

„Со примената ќе се засили борбата против неформалната економија. Ќе биде воведена мобилна апликација преку која работодавците веднаш ќе може да пријават или одјават сезонски работник. На овој начин ќе се обезбеди транспарентност и дополнителен приход за оние што сакаат да работат, а истовремено ќе се подобри економската состојба“, додава Ристески.

Законот предвидува можност за ангажман до 120–180 дена годишно, зависно од дејноста, или до 15 дена месечно како максимална горна граница.