15 February, 2026

Млади од пожарот од 17 до 22 години во Кочани се лекуваат во „Јасеново“ – без трајни последици, но со можни оштетувања на дишните патишта од отрови

Дел од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се лекуваат во Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“ во Велес. Таму медицинска нега и стручни консултации добиваат околу 20 млади луѓе со оштетувања на дишните патишта, предизвикани од вдишување врели воздух и чад, објави „Сакам да кажам“.

Според лекарите, најголем дел од нив се во стабилна состојба, без трајни последици врз белите дробови или врз срцето и кај повеќето наодите се во рамки на нормалата.

Интернистот и пулмоалерголог д-р Гоце Бузалков објаснува дека кај овие пациенти не е утврдено уништување на здравото белодробно ткиво ниту, пак, создавање сврзно ткиво кое би довело до хронична респираторна слабост.

Сепак, постои сомнеж дека во пожарот биле присутни токсични агенси кои сè уште не се целосно идентификувани, вели докторот, а кои предизвикале оштетувања на дишните патишта.

Поради недостиг од вакви супспецијалисти во земјата, дел од околу 200-те повредени биле упатени токму во „Јасеново“ каде што имаат приоритет при прегледите и третманот.

Докторот посочува дека кај некои пациенти и понатаму се јавуваат кашлица, чувство на гушење, замор или слабост при напор, поради што се прават детални испитувања на нивното здравје. Тој додава дека иако дел имале изгореници на лицето, вратот и рацете, тие промени ќе заздрават без трајни последици.

Во трагичниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 63 луѓе, додека повеќе од 200 беа повредени. Паралелно со лекувањето на настраданите, во тек е и судска постапка во која се опфатени 35 физички и три правни лица.

Според обвинителниот акт, трагедијата не се случила како резултат на случајност или несреќа, туку претставува исход на долгогодишно непочитување на законските прописи, серија погрешни одлуки и длабоки институционални пропусти.