15 February, 2026

„Како не ви е срам да барате пауза“: Иван Иваноски распали на Анкетната за Кочани

„Како не ви е срам да се препукувате пред родителите уште пред да започне седницата? Родителите чекаат девет месеци, а вие барате едночасовна пауза“, реагираа претставници од здружението „Support Kocani“ на почетокот на седницата на Анкетната комисија за трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде животот го загубија 63 млади луѓе.

Оваа реакција следеше откако дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа пауза од еден час.

„Ние, како здружение, за само еден час направивме веб-страница за поддршка на родителите и жртвите – и тоа волонтерски. Вие, кои сте платени да работите, барате пауза, додека родителите девет месеци не спијат. Нивните права се загрозени, а врз нив постојано се вршеше притисок преку пропагандни медиуми. Како младите да веруваат во системот?“ – порача од говорницата коосновачот Иван Ивановски.

Тој оцени дека постојат очигледни обиди да се избегне вистинска расправа и да се минимизира одговорноста на институциите кои, според здружението, потфрлиле и дозволиле трагедијата да се случи.

„Сите функционери треба да излезат и јавно да објаснат што презеле за вакви настани да не се повторат. И како ги заштитиле правата на родителите што денеска седат тука пред вас“, додаде Ивановски.