Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, изјави дека системот „Сејф сити“ има капацитет да регистрира и санкционира широка лепеза сообраќајни прекршоци. Сепак, и во тест-периодот, и по неговото завршување и официјално пуштање во употреба, не сите прекршоци што камерите технички можат да ги забележат ќе бидат и казнувани. Конечната листа на санкционирани прекршоци сѐ уште не е дефинирана.
Според Топаловски, „Сејф сити“ ќе биде калибриран да ги детектира и казнува прекршоците за:
- возење со зголемена брзина,
- минување на црвено светло,
- непрописно престројување (во една или преку две ленти),
- непрописно претекнување,
- свртување преку една или две полни ленти,
- непрописно паркирање на улица или тротоар.
Казна ќе следува и за возила оставени среде булевар со вклучени четири трепкачи – навика која, како што се оценува, со години е длабоко присутна кај скопјани, особено на булеварите „Партизански одреди“, „Илинден“, „Цветан Димов“ во Чаир, „Никола Карев“ („Пластичарска“), „Теодосиј Гологанов“ и „Ѓорче Петров“.
Паралелно со ова, на социјалните мрежи веќе се појавуваат јавни дискусии, реакции и прашања упатени до МВР – дали поединечни делови од градот се воопшто покриени со камери, и ако не, дали е планирано нивно поставување. Граѓаните посочуваат локации како:
- булевар „Никола Карев“ (од „Пластичарска“ до Момин Поток),
- булевар „Борис Трајковски“ сѐ до Драчево и Батинци,
- булевар „Словенија“,
- булевар „Качанички пат“.
На интернет кружат фотографии и видеа од овие делници, на кои, според граѓаните, се гледа недостаток на „Сејф сити“ камери – што отвора дополнителни прашања за опфатот на системот и идните планови на МВР.

