15 February, 2026

Грозданов беше само спроведувач, човек поставен на врата – рибата смрди од главата, а овде се само дел од кариките“, вели адвокатот Давидовиќ

„Рибата од главата смрди — така велат старите. И морам да се согласам со обвинителството дека системот одамна се распаднал, но денес пред судот седат само оние на крајот од синџирот“

Со оваа народна поговорка адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на обвинетиот Ивица Грозданов, остро настапи против обвинителниот акт. Според него, на клупата за обвинети недостигаат главните виновници — оние кои требале да реагираат пред да дојде до трагедија.

„Каде беше обвинителството во Кочани овие 13 години? Нивната обврска беше да постапуваат по службена должност, а не да чекаат граѓаните да им пријават. Сите гледале, сите молчеле, а сега се бара правда таму каде што најлесно ја има,“ порача Давидовиќ.

Адвокатот тврдеше дека неговиот клиент Ивица Грозданов не бил фактор што можел да ја промени ситуацијата. Напротив — според него тој бил само спроведувач, човек поставен на врата, но без моќ да влијае на систем кој одамна рѓосал. „Мојот клиент не бил ниту мало тркалце во таа машинерија,“ рече тој.


Ивица Грозданов (39) — вработен во обезбедувачката агенција „Рубикон“ – се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Основните пропусти кои му се ставаат на товар се:

  • Работа без лиценца: Бил ангажиран како физичко обезбедување иако немал овластувања за тоа.
  • Надзор на влезот: На денот бил поставен на главниот влез со задача да го контролира пристапот до почетокот на настанот.
  • Овозможување на ризик: Според обвинението, не извршил проверка на идентитет, пуштил малолетници и не направил преглед на лица и предмети, со што не го спречил внесувањето на пиротехниката која подоцна доведе до пожарот.