3 March, 2026

Mожниот сериски убиец Трајче од кумановско бил сметан за дете со посебни потреби – ретко посетувал училиште

Истрагата за 25-годишниот Т.Б. од село Малотино, осомничен за убиството на 78-годишна жена во Старо Нагоричане, е во полн ек, информираат од Јавното обвинителство.

Иако телото на жртвата беше ексхумирано, обдукцискиот наод сè уште не е доставен до обвинителот. Во наредните денови се очекува и психијатриско вештачење на осомничениот.

Според информациите од полицијата, на 12 февруари осомничениот влегол во домот на М.С. (78) во селото Драгоманце, физички ја нападнал и ја задушил со перница.

Настанот предизвика вознемиреност кај жителите на руралната општина. Поради страв и неизвесност, дел од семејствата привремено ги повлекоа своите повозрасни родители од селата. Психијатарот д-р Ана Мадиќ-Костовски од Кумановската болница посочува дека без стручно вештачење не може да се постави дијагноза, но кај напаѓачи кои таргетираат немоќни жртви често се забележуваат елементи на антисоцијално однесување или нарцисоидност.

Од Центарот за социјални работи информираат дека осомничениот не бил корисник на социјални права. Иако бил познат на полицијата по помали прекршоци, не бил третиран како сериозна безбедносна закана. Сега се преиспитуваат најмалку пет сомнителни случаи од изминатите години, при што се проверува дали имало пропусти во постапувањето, особено затоа што дел од жртвите биле погребани без обдукција.

Според истражни информации и сведоштва од локалното население, осомничениот уште во детството бил евидентиран како дете со посебни потреби. Растел во многудетно семејство со осум браќа и сестри, во услови кои соседите ги опишуваат како нестабилни и сиромашни. Ретко посетувал училиште, подоцна останал без постојана работа и бил познат по ситни кражби и повлечено однесување.