14 February, 2026

Скопјанец добил „честитка“ дека поминал на црвено додека правел место да помине возило на Брза помош

Додека системот „Безбеден град“ ги брои последните денови од тест-периодот пред официјалниот почеток на казнувањето на 1 февруари, на социјалните мрежи веќе се појавуваат примери кои отвораат сериозни дилеми за неговото функционирање. Еден скопјанец сподели дека добил опомена, односно т.н. „честитка“, иако, како што вели, направил хуман потег – навлегол во раскрсница на црвено светло за да овозможи поминување на возило на Брза помош.

Инцидентот се случил кај Транспортниот центар во Скопје. Според неговото сведоштво, камерите регистрирале прекршок иако тој, заедно со уште неколку возачи, бил приморан да навлезе во крстосницата со цел да се ослободи простор за итното возило. „А всушност неколку коли навлеговме во раскрсницата кај Транспортен центар, за да помине Брза помош…“, напиша револтираниот граѓанин.

Она што дополнително ја загрижува јавноста е што ќе се случува по 1 февруари, кога системот ќе почне автоматски да изрекува казни. Возачот со олеснување констатира дека сè уште станува збор за тест-период, бидејќи во спротивно би морал да губи време и денови низ институциите за да докаже дека не направил прекршок. „Да беше 01.02. ќе изгубев неколку дена докажувајќи се по институции дека не сум направил прекршок…“, додава тој.

Случајот отвора суштински прашања за функционирањето на „Безбеден град“ – дали софтверот има можност да препознае приоритетни возила, како што се Брза помош, полиција и пожарна, и автоматски да ги поништи прекршоците на возачите кои им отстапуваат пат, или пак граѓаните ќе мораат секој ваков хуман и законски оправдан потег дополнително да го докажуваат преку жалби и судски постапки.