1 December, 2025

Кацарска бара да се укине зголемувањето на пензиите од 7.000 денари, а си бара зголемување на платата од 100.000 денари, вели Манасиевски

Уставната судијка Добрила Кацарска која е позната по тоа дека преку ноќ благодарејќи на СДС стана Уставен судија, поради нејзините пресуди за 27 април, бара да се укине зголемувањето од 7000 денари на пензиите, додека истовремено бара зголемување на нејзината плата од околу 100 илјади денари; рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Додека поединци судии и обвинители кои немаат ниту кредибилитет ниту легитимитет, блиски до структурите на СДС јавно бараат енормни зголемувања на платите, Кацарска по насока од СДС бара намалување на линеарното зголемување на пензиите, вели Манасиевски.

„СДС кои ја крахираа економијата и го контаминираа судството со свои кадри, сега на безобразен и срамен начин, преку Добрила Кацарска, се обидуваат да им ги одземат парите на пензионерите.

Додека СДС молчи, бидејќи во нивно време пензионерите добиваа по 150 денари покачување, нивните инфилтрирани поединци во судството гласно бараат европски плати со доверба од едвај 2%. Во регионот и Европа, правосудните органи со далеку поголема доверба имаат плати слични на нашите, а кај нас судиите и обвинители со 2% доверба бараат двојно зголемување до над 6.000 евра, а притоа се бара кратење на пензиите на пензионерите. Чест на исклучоци, но поголемиот дел од овие контаминирани и корумпирани кадри блиски до СДС немаат ниту срам, ниту образ.

Сè додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, економијата ќе расте, а со тоа и пензиите и платите. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните и го подига животниот стандард.

Бараме од СДС јавно да се огради од барањата на Кацарска за поништување на зголемувањето на пензиите, кои таа ги побара од Уставниот суд, посочи Манасиевски.

Уставниот суд се најде во ретко жесток судир со политиката поради предметот за линеарното покачување на пензиите – и јавно предупреди дека кампањата против судијката Добрила Кацарска и Судот е „реторика заснована на лаги и манипулации“ и директен напад врз неговата независност. Токму овој предмет – „Уставниот суд линеарно покачување на пензиите“ – стана нова фронт линија меѓу правната држава и политичкиот маркетинг.

Судот отвори постапка за член 2 од последните измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои се воведе линеарно покачување на пензиите – ист износ за сите, без разлика на висината на досегашната пензија, должината на стажот и вековите уплатувани придонеси. Наместо редовно усогласување по формула што ги следи растот на платите и трошоците за живот, државата одлучи целата „корпа“ средства да ја распредели рамномерно.