Регионалниот пат Битола–Охрид е привремено блокиран откако група граѓани организираа протест со палење пластика и отпад, поради што сообраќајот на оваа фреквентна делница беше прекинат за одреден период.
Протестот се одвиваше со извици „Нема правда, нема мир“ и „Бараме правда“, а густ чад од запалениот отпад се забележуваше и од поголема оддалеченост, што дополнително ја отежнуваше безбедноста на сообраќајот.
Според неофицијални информации, повод за протестот е одземањето на возила на лица кои управувале без положен возачки испит, мерка што стапи на сила со последните измени на Законот за прекршоци. Дел од присутните негодуваа поради, како што наведуваа, високата вредност на одземените автомобили; на видеоснимки од настанот може да се слушне извикување: „5.000 евра кола ми земавте“.
Протестирачите исто така изразија незадоволство поради, како што тврдат, дискриминација, посочувајќи дека дел од нив немаат завршено образование, што им ја отежнува можноста да полагаат за возачка дозвола.
На местото на настанот присуствуваа и полициски службеници кои ја следеа ситуацијата и го обезбедуваа просторот. Засега нема официјални информации за приведени лица, ниту за точната должина на траењето на блокадата, ниту за тоа дали ќе следуваат дополнителни мерки од надлежните институции.

