Пејачката и поранешна победничка на „Ѕвездите на Гранд“, Џејла Рамовиќ, е приведена во Кичево за време на полициска контрола, поради сомнение дека настапувала без соодветна работна дозвола. Од СВР Охрид соопштија дека таа и нејзиниот бенд извршиле прекршок согласно Законот за странци.
Контролата била спроведена во ноќта меѓу 29 и 30 ноември во угостителски објект на патниот правец Кичево–Охрид. Полициските службеници затекнале петмина државјани на Босна и Херцеговина – пејачката Џејла Рамовиќ (23) и членовите на бендот К.Ѓ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), како настапуваат без обезбедени работни дозволи. Случајот е пријавен во Основниот суд во Кичево, а поднесена е и прекршочна пријава против уметницата.
И Аца Лукас беше приведен поради истата причина
Ова не е прв ваков случај во земјава. Пред извесно време, македонската полиција го приведе и српскиот пејач Аца Лукас, исто така поради настап без валидна работна дозвола. Тој поминал неколку часа во станица, по што бил пуштен со најави дека случајот ќе се расчистува.
Прво обраќање на Џејла по приведувањето
По објавите во медиумите, Џејла Рамовиќ се огласи со своја изјава, тврдејќи дека документацијата била навремено доставена и дека вината не е кај нејзиниот тим.
„Сакам да нагласам дека од моја страна и од страна на мојот бенд, сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа целосно подготвени и доставени до организаторот. Тој нè увери дека ги обезбедил преостанатите дозволи согласно договорот“, вели Рамовиќ.
Таа објаснува дека настапот бил прекинат неколку минути пред крајот, под образложение дека недостигале работни дозволи, иако – како што наведува – нивната документација била уредна.
„Жал ми е за непријатностите што ги доживеа публиката. Ситуацијата се случи поради околности на кои не можевме да влијаеме. Вината не е ниту кај мене, ниту кај мојот тим“, додава пејачката.
Џејла истакна дека Македонија е земја што искрено ја сака и дека нема да дозволи инцидентот да влијае на нејзините идни настапи.

