Италијанскиот гигант Јувентус покажал сериозен интерес за 16-годишниот македонски фудбалски бисер Меланија Грозданова. Крилниот напаѓач, иако тинејџерка, веќе игра за сениорската репрезентација на Македонија и остави силен впечаток по настапите за Љуботен, по минатогодишниот пробив во Истатов.
Информацијата ја објави новинарот Руди Галети, што веднаш предизвика реакција и голем интерес во фудбалската јавност.
И покрај младоста, Грозданова веќе има сениорско искуство на највисоко ниво. На двата последни меча против Русија настапи како стартер, покажувајќи мирнотија, зрелост и храброст што ретко се гледа кај играч од само 16 години. За националниот тим таа е веќе профилирана како фудбалерка која може да направи разлика.
Оваа сезона таа блеска во дресот на Љуботен со 8 постигнати голови, додека минатата сезона за Истатов реализираше 12, најавувајќи дека станува збор за талент со извонредни потенцијали и развој. Брзината, силниот дриблинг и директноста во напад ја издвојуваат како играч со ретка уметност во игра еден-на-еден, поради што некои ја споредуваат со Кристијано Роналдо, и во стилот на игра и во прославата на головите.
Оваа есен Грозданова беше еден од двигателите на македонската U19 репрезентација на патот кон пласман во А-дивизијата во квалификациите за Европското првенство — успех што дополнително го зацврсти впечатокот дека Македонија има фудбалерка со европска перспектива.
Меланија Грозданова се смета за една од најголемите надежи на македонскиот фудбал, а веќе денес е меѓу највпечатливите и најперспективните европски играчки во својата генерација.

