Лидерот на ГРОМ и поранешен градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски вели дека премиерот Христијан Мицкоски треба да почне да гради продуктовод кон српската граница.
„Рачуна кој ја вовел забраната. Сега веќе е продкутовод, не е нафтовод, се пуштаат кугли и оди различно гориво. Можеби треба да размислиме забрзано да градиме продуктовод кон граница и автоматски од транзитот државата ќе зема пари“, рече Јакимовски.
Посочува и дека 40 километри може да се изградат за една година, со став дека државата треба да ја интересираат пари, бидејќи со такво нешто, државата ќе може да земе повеќе.
„Автоматски од транзитот ќе си земаме пари. Ние за година дена тоа можеме да го изградиме. Пари треба да не интересираат. Овој народ треба да живее од нешто. Тој продуктовод има компанија во кои ние како држава имаме над 30 проценти учество. Србија секогаш помага. Јас би седнал со Србите да разговарам, ако нема друго решение, да се гради продуктовод од тука до граница. И Косово да има проблем, и за тоа ќе речам да се решава. Први соседи сме, треба да помогнеме“, посочи Јакимовски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Владата нема намера да ја заменува нафтената индустрија на Србија, која се соочува со целосен застој поради американските санкции кон руските компании што се мнозински сопственици на НИС.
„Ние како Влада не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот. Тоа го прават приватни компании, коишто водат бизнис“, рече Мицкоски.
На прашање на медиумите за состојбата во Србија и проблемите со нивната нафтена индустрија и дали би можеле да го снабдуваме јужниот дел од соседна Србија со деривати, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ја разгледуваат секоја можност, но истакна дека „не се акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот“.
-Тоа го прават приватни компании кои што водат бизнис. Ние како држава ги спроведуваме сите чекори за да тој продуктовод кој што долги години беше уништуван, да биде ставен во функција. Испитувањата мислам дека се при крај и треба да почнат пробите на притисок. На Влада помина ценовникот, така што очекувам оваа година продуктоводот да биде ставен во функција, а потоа компаниите, доколку најдат интерес, да си преземат што е нивна работа, рече Мицкоски.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера изјави дека доколку НИС не ја добие американската лиценца до крајот на денешниот ден, земјата ја очекуваат „тешки денови“. Според него, тоа би значело целосно запирање на работата на рафинеријата, а од понеделник ниту една банка не би работела со компанијата. Вучиќ процени дека шансите за добивање на лиценцата се 40%, а 60% дека Вашингтон ќе даде негативен одговор.

