Љупчо Коцевски соопшти дека поднел неотповиклива оставка од функцијата државен јавен обвинител, оценувајќи дека постапката за негово разрешување била политички мотивирана и директен удар врз принципите на правната држава и поделбата на власта. Тој изјави дека од функцијата заминува со „гордо крената глава“, но и со сериозно разочарување поради, како што наведе, непочитувањето на законските процедури и институционалната самостојност на обвинителството.
Коцевски посочи дека поканата за собраниската седница на која требало да се расправа за негово разрешување ја добил само еден час пред нејзиниот почеток, без да му биде доставен предлогот за разрешување и без можност да се подготви или да се произнесе. Според него, тоа укажува дека расправата била формалност, а не суштинска и законска постапка, при што предлогот содржел само неколку реда, без факти и образложенија.
Тој нагласи дека Законот предвидува разрешување на државниот јавен обвинител исклучиво во случај на тешка дисциплинска повреда, што, како што рече, во неговиот случај никогаш не било утврдено. Потсети и дека Советот на јавните обвинители дал негативно мислење по предлогот на Владата, што дополнително ја прави постапката правно спорна.
Коцевски истакна дека обвинителството работело во услови на сериозен недостиг од кадар, ресурси и техничка поддршка, но и покрај тоа, резултатите биле видливи. Наведе дека ефикасноста во 2024 година е зголемена во однос на претходната година, а истиот тренд се очекува и во 2025 година, при што беа отворени и водени бројни предмети од висок јавен интерес.
Посебно ја издвои истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, која, како што рече, била завршена во рекордно краток рок, оценувајќи дека политичките притисоци врз правосудството, на кои укажува и Европската комисија, токму со оваа постапка добиваат своја потврда.
Како една од причините за притисоците, Коцевски го наведе процесот на „прочистување“ во обвинителството, потсетувајќи дека бил првиот државен јавен обвинител кој спровел контроли во вишите обвинителства и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по што биле иницирани дисциплински постапки за утврдени пропусти и нанесени значителни штети.
Во своето последно обраќање, тој им се заблагодари на јавните обвинители и вработените за нивната работа под силни притисоци и јавни напади, порачувајќи дека обвинителството мора да остане институција што му служи на законот, а не на политиката. На граѓаните им порача да ја бранат неговата самостојност, нагласувајќи дека институциите се поголеми од поединците и дека правдата мора да биде над политиката.

