И покрај тешките повреди и силните болки со кои се соочува, Ахмед ал Ахмед не се кае за херојскиот чин со кој вчера спречи уште поголема трагедија на плажата Бонди, пренесе „NDTV“.
Како што потврди неговиот адвокат за миграции, Сем Иса, Ахмед изјавил дека повторно би постапил исто, иако неговата здравствена состојба во моментов е сериозна и нестабилна.
Ахмед се наоѓа на лекување во болницата „Сент Џорџ“ во Когара, каде веќе е опериран и се опоравува. Тој има пет прострелни рани на левата рака, а еден куршум сè уште се наоѓа во пределот на левата лопатка. Лекарите предупредуваат дека поради големата загуба на крв постои ризик да ја загуби раката.
Според неговиот адвокат, Ахмед е тивок и скромен човек кој не бара внимание од јавноста и медиумите. Тој реагирал инстинктивно, воден од чувство на човечка и морална одговорност. По добивањето австралиско државјанство во 2022 година, се чувствувал должен да ѝ возврати на заедницата која му дала нов дом.
Неговите родители, кои постојано се во контакт со медицинскиот персонал, велат дека Ахмед и покрај сè е во добро расположение. Мајката признала дека плачела од гордост кога дознала што направил нејзиниот син, додека таткото истакнал дека Ахмед му се заблагодарил на Бога што успеал да помогне и да спаси невини луѓе.
Херојскиот чин на Ахмед доби признание и од највисоките политички претставници. Австралискиот премиер Ентони Албаниз и премиерот на сојузната држава Нов Јужен Велс, Крис Минс, јавно го пофалија неговото дело, а поддршка изрази и американскиот претседател Доналд Трамп. Во меѓувреме, преку хуманитарна кампања на платформата GoFundMe, за неговото лекување и опоравување се собрани повеќе од половина милион долари.
Ахмед ал Ахмед (44), по потекло од Сирија, живее во Австралија од 2006 година. Тој е сопственик на мал бизнис и татко на две мали ќерки. Неговите најблиски сведочат дека без двоумење би го ризикувал сопствениот живот за да ги заштити другите.

