Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Марко Беслимовски, во својство на претседател на Регулаторна комисија за енергетика, за злоупотреба на службена положба и овластување.
Според пријавата, Беслимовски, не му ја одзел навреме лиценцата на ТРИТЕРОЛ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје на Љупчо Пецов – Ѓаволот, обвинет во случајот „Синџир“ за фиктивно затајување данок.
Наместо да донесе решение за одземање на лиценцата, пријавениот донел незаконско решение за прекин на постапката, со што лиценцата не била одземена на 15 јануари 2024 година, туку дури на 14 април 2025 година.
На тој начин, како што се наведува, му овозможил на правното лице противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност во период од околу 15 месеци по истекот на законските услови, како и да учествува и склучува договори во постапки за јавни набавки.
Со ваквото постапување, според Финансиската полиција, Беслимовски ги повредил прописите кои бил должен да ги спроведува и овозможил компанијата „Тритерол Петрол“ да оствари вкупен промет во износ од 194.520.962 денари, како и да се стекне со противправна имотна корист во висина од 14.093.576 денари, објави Финансиска полиција.

