15 February, 2026

Упад во студиото на Инфомакс: „Повиците за насилство од власта резултираа со физички напад и закани по живот“

Во 23:45 часот, за време на емисијата „Тешки муабети“, во студиото на Инфомакс се случи сериозен инцидент кога непознато лице упаднало среде подкаст, соопшти редакцијата.

Напаѓачот најпрво упатувал навреди и закани по живот, по што насилно ја скршил вратата од дворот, а потоа и главната влезна врата од студиото, обидувајќи се физички да се пресмета со присутните.

Инцидентот е снимен и од надзорните камери и од уште една камера во студиото.

Од Инфомакс сметаат дека повиците за насилство од поединци поврзани со власта довеле до, како што велат, „најголемиот инцидент во медиум во историјата на независна Македонија — физички напад во живо додека трае програма“.

Редакцијата очекува надлежните институции целосно да ја спроведат постапката и апелира до новинарите и медиумските здруженија за солидарност, посочувајќи дека медиумите се темел на едно демократско општество.

„Им благодариме на илјадниците кои ни упатија поддршка. Без разлика на сè, Инфомакс ќе продолжи да работи со брзи информации и без цензура“, наведуваат од редакцијата.