Три години ефективна затворска казна и пет години забрана за вршење професија, дејност или должност, судот во Струга му пресуди на гинекологот Мухамед Асани, првообвинет во случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска на која по породувањето со царски рез во Болницата во Струга и биле отстранети матка, јајник и бубрег.
Ослободителни пресуди добија второобвинетиот, неговиот син Блертон Асани, кој тогаш бил специјализант по гинекологија и третообвинетата лекарка Лилјана Јованоска.
– Судот обинетиот Мухамед Асани го прогласува за виновен, и му изрекува ефективна казна затвор во траање од три години, која што е максимална предвидена за ова кривично дело, а по издржување на казната затвор му изрекува споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од пет години, кажа судечкиот судија Јордан Јованов при изрекувањето на пресудата.
Пропустите кои повлекуваат одговорност, според судот, се посочуваат кај првообвинетиот, докторот Асани, во постоперативното следење. Според судот, обвинетиот Асани и покрај влошената здравствена состојба на родилката, после царскиот рез не направил дијагностика и ехо за настанатото крварење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно и биле извадени три здрави органи.
– Вештото лице појасни дека постоперативното следење требало да биде направено уште во стартот, а во текот на четирите постоперативни денови не биле преземени дејствија на дијагностика со кои што навремено би се открило од каде е изворот на крварењето за кое што подоцна се дознало дури пред свршен чин, на 31 август 2020 година кога била изведена операцијата, рече Јованов, забележувајќи дека лекарот требало да намалувањето на крвните вредности алармирале за натамошни испитувања и методи кои не биле преземени.
Судскиот процес започна во 2022 година, кога Мухамед Асани беше обвинет за кривичното дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“. Веапоска во 2020 година беше подложена на царски рез, по што поради сериозни пропусти во третманот остана без три витални органи, со сериозно загрозен живот.

