15 February, 2026

Тошковски објави дека добил опомена оти возел 51 км/ч наместо 50 км/ч: Се движев со приватното возило на конгресот на ВМРО–ДПМНЕ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утрово добил СМС-порака за сообраќаен прекршок регистриран од системот „Безбеден град“, додека со приватно возило се движел кон Кавадарци, каде денеска се одржува партискиот конгрес на ВМРО–ДПМНЕ. Како што соопшти, системот забележал движење со брзина поголема од дозволената за само 1 км/ч.

„Ова е јасен пример како треба да функционира државата. Системот важи еднакво за сите – ако има прекршок, следи санкција, без разлика кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани“, изјави Тошковски.

Тој потсети дека управувањето автомобил не е привилегија, туку одговорност, и дека токму преку личен пример се гради доверба во институциите и се зголемува патната безбедност. „Безбеден град“, додаде министерот, не е алатка за казнување, туку систем што воведува ред и спречува трагедии.

„Со алармантниот број жртви на патиштата, секој мора да покаже лична одговорност. Државата ќе биде побезбедна само ако законите важат подеднакво за сите – и за нас што сме задолжени за нивното спроведување“, нагласи Тошковски.