Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа, појасни дека системот „Safe City“ во моментов не се користи за санкционирање на прекршоци за погрешно паркирање и запирање, бидејќи таа функција сè уште не е активирана.
Тој нагласи дека ниту во тест-фазата, ниту по нејзиното завршување, вакви прекршоци не се евидентираат, посочувајќи дека е неопходно претходно да се направи усогласување во однос на поставеноста и јасноста на сообраќајната сигнализација.
„Оценивме дека е потребно нивелирање од аспект на поставување на сообраќајни знаци поврзани со погрешно паркирање и запирање“, изјави Тошковски.
Според него, МВР не сака да брза со казнувањето за да се избегне конфузија и можни неправди кон граѓаните и правните лица кои во одредени ситуации немаат алтернативен начин за остварување на своите потреби во градот.
Министерот посочи и на специфични случаи, како итно запирање пред аптека, каде што, како што рече, мора да постои одредено разбирање.
„Ако сме се договориле да играме по одредени правила, тогаш тие правила мора да се почитуваат“, истакна Тошковски, нагласувајќи ја потребата од јасни протоколи пред активирање на камерите за овој тип прекршоци.
Тој најави дека за целосна имплементација на системот е неопходна координација со градските власти, кои треба да донесат одлуки за временските зони за дотур на стока до компаниите и да постават соодветна сообраќајна сигнализација на локациите каде што се поставени камерите.
До тогаш, како што рече, фокусот на полицијата останува насочен кон посериозните сообраќајни прекршоци.
„Во рамки на тест-периодот се фокусиравме на прекршоци кои директно загрозуваат човечки животи“, заклучи министерот.

